22.05.2026.

Избрани нови 10 партнерски општини на Програмата “Зајакнување на општинските совети – фаза 2“

Десет единици на локалната самоуправа од сите осум плански региони ќе станат дел од четвртиот циклус во рамки на втората фаза од програмата „Зајакнување на општинските совети“.

Станува збор за општините Новаци, Радовиш, Шуто Оризари, Македонска Каменица, Кичево, Демир Капија, Врапчиште, Росоман, Кратово и Градот Скопје, кои беа избрани по спроведен ограничен повик за учество.

На повикот аплицираа 17 од вкупно 27 подобни единици на локалната самоуправа во државата.

Во рамки на новиот циклус, околу 160 општински советници ќе добијат можност да ги унапредат своите знаења и вештини преку Програмата за развој на капацитетите на општинските советници. Програмата предвидува обуки во 11 области значајни за локалното управување, меѓу кои јавни финансии, просторно и урбано планирање, добро управување, спречување корупција, меѓуопштинска соработка, родова еднаквост, животна средина и управување со кризни состојби.

Покрај обуките, секоја од избраните општини ќе може да користи грант до 15.000 американски долари за спроведување локални проекти утврдени во директна комуникација со граѓаните преку Форумите во заедниците. Средствата ќе бидат насочени кон иницијативи што придонесуваат за подобри социјални услуги и поголема поддршка за ранливите категории граѓани, со почитување на принципите на еднаквост и инклузивност.

Општините и советите ќе добијат поддршка и за активности поврзани со зголемување на транспарентноста, отчетноста и дигитализацијата на локалните услуги. На овој начин ќе се создадат подобри услови за поефикасна работа на советите и поквалитетно извршување на нивните надлежности.

Со приклучувањето на оваа група општини, програмата ја оствари планираната цел во втората фаза да опфати вкупно 40 општини. Во првата фаза беа вклучени уште 24 партнерски општини, со што во изминатите десет години директна поддршка добија вкупно 64 единици на локалната самоуправа во земјата.

Проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ е програма со вкупна вредност од 6,9 милиони американски долари, финансирана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а кофинансирана и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со национални и локални партнери.