Општините Штип и Берово меѓу петте општини кои ќе ја јакнат локалната демократија преку Програмата ReLOaD3

Денеска беа потпишани договорите за спроведување на проектите од Регионалната програма ReLOaD3, каде две општини од петте селектирани општини се од Источниот регион – Штип и Берово. Програмата има за цел да ја зајакне демократијата на локално ниво преку подобрување на соработката меѓу локалните власти и граѓанското општество и преку зголемување на учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Исто така, активностите се насочени кон засилување на граѓанското учество, а ќе поддржи спроведување на граѓански иницијативи и ќе придонесе за развој на локалните заедници во избраните пет општини.
Покрај Штип и Берово, во третата фаза на Програмата ReLOaD се и општините Кавадарци, Центар и Аеродром.
Како што најавуваат од УНДП, избраните општини ќе добијат финансиска и експертска советодавна поддршка за зајакнување на партнерствата со организациите на граѓанското општество (ГО).
„ReLOaD3 ќе промовира транспарентност во финансирањето на проектите на ГО од локалните буџети и ќе придонесе за поголемо вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки за подобрување на квалитетот на јавните услуги на локално ниво“, соопштија од УНДП.
Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3) е продолжение на иницијативите поддржани од Проект за зајакнување на локалната демократија, финансиран од Европска Унија и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). ReLOaD3 се спроведува во Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Србија.